Во галерија „Мисијата“ на Државниот културен институт при министерот за надворешни работи се отвори колекционерската колективна изложба „Културна дипломатија – Балкански дијалог”. На неа учествуваат седум бугарски ликовни уметници: Светлин Русев, Станислав Памукчиев, Ивајло Мирчев, Љубен Генов, Димитар Чолаков, Милко Бошков и Роман Кисјов, и седум ликовни уметници од Република Северна Македонија: Владимир Георгиевски, Павле Кузманоски, Димитар Малиданов, Жанета Гелевска-Велјаноска, Петар Попчев, Никола Иванов – Балтон и Решат Амети.
Куратор на експозицијата е колекционерот од Скопје Климе Коробар, а организатори се Државниот културен институт при министерот за надворешни работи, Асоцијацијата за култура „DOBREDOJDE“ (Macedonia Welcome Centre), Асоцијацијата за култура IKON, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. Медиумски партнер е Бугарската телеграфска агенција.
Изложбата беше отворена од заменик министерот за надворешни работи Васил Георгиев кој се заблагодари на организаторите и гостите од РС Македонија со зборовите, дека слични проекти практично покажуваат како уметноста и културата нè поврзуваат и водат до плодотворен творечки дијалог.
Во своето обраќање до гостите директорката на ДКИ г-ѓа Снежана Јовева ја одбележа важноста на слични проекти, кои стануваат мост меѓу културите и народите, а уште повеќе што настанот се случува во пресрет и по повод 21 мај - Светскиот ден на културната разноликост за дијалог и развој на УНЕСКО.
Г-ѓа Емилија Аврамчева, претседател на Асоцијацијата за култура „DOBREDOJDE“ (Macedonia Welcome Centre) – Скопје се заблагодари за одличното партнерство со Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и на останатите соработници и партнери, како и за можноста да работи на креативни проекти за размена со бугарски институции и да се афирмираат на тој начин современи уметници од двете држави пред поширок круг на публики. Таа изрази надеж дека токму преку културата можат да се решаваат и нерешени прашања, бидејќи таа е меката сила во дипломатијата.
Директорот на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, г-н Сашко Насев, партнер на проектот, најпрво се заблагодари на колекционерот и куратор Климе Коробар, по што упати срдечен поздрав до гостите и изрази задоволство за реализираната заедничка изложба на бугарски и македонски уметници во „колективен балкански дијалог“. Тој го одбележа и присуството на специјалните гости, а имено уметниците кои беа дошле за отворањето на изложбата г-ѓа Жанета Гелевска-Велјаноска, уметница која живее во Лондон, и Роман Кисјов од Софија.
На настанот присуствуваа дипломати, уметници, колекционери, галеристи и гости: вршителот на должноста во Амбасадата на РСМ во Софија г-н Владимир Крстевски, проф. Аксинија Џурова, куратор и историчар на уметноста, г-ѓа Слава Иванова, извршен директор на НДФ „13 века Бугарија“, г-ѓа Тања Казанџиева, советник на министерот за надворешни работи, г-ѓа Милена Димитрова, експерт од тимот на потпретседателот Илијана Јотова, Мартина Стефанова, арт менаџер и партнер на ДКИ, колеги дипломати од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура и др.
Настанот е дел од годишната програма на Државниот културен институт при министерот за надворешни работи „Балкански дијалози“, преку кој се привлекуваат и афирмираат проекти кои го илустрираат балканскиот дијалог во акција, во областа на ликовната уметност, киното, литературата и др.
Изложбата може да се види од 18 мај до 10 јуни во галерија „Мисијата“.