Концертот „Вечер на македонски свити и фантазии“ на македонските професори Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа на 20 ноември 2024 година.
Вечерта започна со претставувањето на новиот директор од страна на Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, амбасадор на РС Македонија во Бугарија, а директорот проф. д-р Зоран Пејковски ги покани музичарите – професори да ја преземат сцената.
Пред започнувањето на самиот музички дел од вечерта, проф. Љупчо Коскаров подари неколку примероци од свои книги на домаќините на институцијата, како и на истакнати музички дејци од Бугарија.
Концертот содржеше композиции од претходно најавената програма, создадени врз основата на македонскиот фолклор, а траеше подолго од најавеното, заради бисовите, воодушевеноста и позитивно расположение кај публиката.
На настанот присуствуваа претставници од македонската Амбасада во Софија, претставници на музичкиот живот во Бугарија и љубители на музиката.