На 18 јули во Бургас, во организација на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија и Регионалната библиотека "П.К. Јаворов", беше организирана вечер посветена на македонската култура и уметност. Македонската културна вечер беше отворена со ликовната изложба "Поврзување", на која со свои дела работени во различни ликовни техники се претсртавија уметниците Маријана Иванова, Марјан Ѕин, Зоран Мише, Горан Тричковски, Иван Стоименов, Слободан Милошески, Перица Георгиев Пепси, Павел Целкоски, Ице Огненовски Мерко и Иво Пецов.
Во литературниот дел од вечерта, стихови од познати македонски поети интерпретираше актерот и режисерот Ѓорги Георгиев-Антика. Директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, кој заедно со директорката на Регионалната библиотека Регионалната библиотека "П.К. Јаворов" Марија Бенчева беа домаќини на ова прво големо претставување на македонска култура во Бургас, на библиотеката и подари книги, монографии и каталози од македонски писатели и ликовни уметници. На настанот присуствуваше и заменик градоначалникот за култура на Општина Бургас Јорданка Ананиева.