Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија ќе земе учество во одбележувањето на Европскиот ден на јазиците – 26 септември на настанот кој ќе се одржи на 17 септември од 10:30 до 15:30 часот, на еден од штандовите кои специјално за оваа пригода ќе бидат поставени на плоштад „Славејков“ во Софија.
На македонскиот штанд своја програма за посетителите ќе води режисерот и актер Ѓорги Георгиев – Антика од Штип, кој ќе ја има музичко-сценската придружба од својот колега Пламен Великов од Софија. Посетителите на македонскиот штанд ќе можат да се здобијат со брошури и каталози од Република Северна Македонија, како и да научат нови факти за македонската култура и јазик.
Низ цела Европа, 700 милиони Европејци застапени во 46 земји-членки на Советот на Европа се охрабрени да учат повеќе јазици, на било која возраст, во и надвор од училиштaтa. Убедени дека јазичната разноликост е алатка за постигнување на поголемо меѓукултурно разбирање и клучен елемент во богатото културно наследство на нашиот континент, Советот на Европа промовира повеќејазичност во цела Европа.
По иницијатива на Советот на Европа, Европскиот ден на јазиците, од 2001 година, се слави секоја година заедно со Европската комисија. Нашиот КИЦ во Софија за шести пат зема учество во оваа значајна културна манифестација.
За повеќе информации од сајтот на Европскиот ден на јазиците: https://edl.ecml.at/