На 27 септември 2023 (среда) во Софија ќе се одржи Европската ноќ на литературата, организирана од амбасадите и странските културни центри во Бугарија, во соработка со Европска комисија и Општина на главниот град Софија.
На настанот кој ќе се одвива во централниот дел во Софија ќе бидат претставени најново преведени книги на автори од различни европски земји, а секој културен центар или амбасада ќе промовира своја книга од избран автор. За оваа пригода КИЦ на РСМ во Софија, со помошта на актерот Игор Дамјанов, ќе ја претстави книгата „Вештица“ од Венко Андоновски во Централното фоаје на Националниот студентски дом во Софија (плоштад „Народно собрание“ 10).
Настанот има за цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на различни и неоддалечени места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути - од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.
Повеќе информации за Европската ноќ на литературата 2023 можете да најдете на сајтот noshtnaliteraturata.com
***
За книгата „Вештица“ од Венко Андоновски, издадена од издавачката куќа „Персеј“, во превод од Маријан Петров:
Млада жена од Македонија се појавува во Хрватска во време кога започнува лов на вештерки - жените обвинети за сексуален договор со ѓаволот се палат на клада. Во исто време падре Бенџамин, личен пријател на Џордано Бруно, пристигнува од Италија за да учествува во судењата на инквизицијата. Наместо џелат, учениот теолог станува спасител. Помеѓу него и обвинетата пламнува страсна љубов - како огнот на кладата во кој ги фрлаат еретиците... Ќе изгорат ли и двајцата?
Венко Андоновски е еден од најголемите македонски автори. Роден е 1964 година во Куманово. Тој е професор по литература на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Скопје. Има објавено над 30 книги од различни жанрови. Добитник е на најголемите книжевни награди во Македонија („Роман на годината“, „Стале Попов“, „Рациново признание“), како и на меѓународната „Балканика“.
Маријан Петров е преведувач на повеќе од 100 книги и редактор на бројни дела. Роден е 1961 година. Дипломирал „Бугарска филологија“ при СУ „Св. Климент Охридски“. Работел како сценарист, редактор, соработник, писател и слободен преведувач. Има преведено популарни современи руски автори, но и водечки македонски автори како Томислав Османли, Влада Урошевиќ, Јагода Михаиловска-Георгиева и други.