Пред вечерниот концерт „Македонисимо“ во Софиската филхармонија, дента на 25 април 2024, Симон Трпчески со својот ансамбл го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија на покана на амбасадорката Н.Е. Агнеза Руси Поповска.
Г-ѓа Агнеза Руси Поповска на присутните им посака срдечно добредојде во просториите на македонскиот културен Центар и го изрази своето задоволство од нивното гостување во Софија. Таа исто така ја потенцира исклучителната градивна улога на уметниците и културата – да создаваат мостови, дури онаму каде што се урнати. Таа потоа додаде дека уметниците како Симон Трпчески и ансамблот „Македонисимо“ се вистинските амбасадори на македонската култура во светот.
Позитивниот и пријателски однос се забележа и во обраќањето на маестро Симон Трпчески до претставниците на Амбасадата и Културно-информативниот центар во Софија, како и до неговите соработници од Северна Македонија и Бугарија. Тој го изрази своето задоволство што е повторно во македонскиот дом на културата во Софија.
Посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“, која што е поставена во галеријата на КИЦ во Софија.