Оперската певица Весна Гиновска-Илкова на 9 јуни одржа соло-рецитал во концертната сала "Борис Христов" во рамките на јубилејната програма по повод 10 годишнината на КИЦ на Македонија во Софија и 11. Фестивал на Уметностите "Борис Христов".
Во пијано придружба на Кристина Светиева беа изведени познати оперски арии од Штраус, Лист, Рахмањинов, Верди, МАскањи, Чајковски, Пучини, како и фрагменти од нашата македонска музичка ризница "Марика, мома убава" од Зографски и "Галебе мој" од Прокопиев.
Весна Гиновска-Илкова е сопран, првенец на Македонската опера и балет. Дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на професор Милка Ефтимова, а магистерски студии ги работи во Белград, во класата на професорката Радмила Бакочевиќ. Во нејзината богата оперска продукција, оставрува преку 20 насловни улоги. Гиновска-Илкова настапувала на бројни светски музички сцени и е добитник на неколку највисоки македонски музички признанија и награди, за остварувања во културата и музичката уметност.