Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија, на 16 јуни 2011 година, се одржа концерт на Скопскиот дувачки квинтет во Националниот музеј "Земјата и луѓето", во Софија. На програмата беа дела од Фаркаш, Хајдн, Бизе, Гершвин, Бранѓолица, Смокварски...
Скопскиот дувачки квинтет постои повеќе од триесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Во него доаѓаа и заминуваа големи мајстори на своите инструменти, секогаш со желба и пораки, Скопскиот дувачки квинтет да опстане и продолжи.
Заради своите успеси, овој камерен состав е многупати наградуван со врвни награди и признанија.
Од 2002 година, Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на Проф.М-р Васил Атанасов. Минатата година, Скопскиот дувачки квинтет го издаде и својот прв компакт диск. Сегашниот состав го сочинуваат познати македонски уметници и членови на Камерниот оркестар "Скопски солисти“, Н.У. Македонска филхармонија и Н.У.Македонска опера и балет: Ванчо Аревски, флејта; Васил Атанасов, обоа; Ристо Ѓоревски, кларинет; Марјан Милошевски, фагот; Александар Гошев, хорна.