Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, на 20 октомври 2011 година, во просториите на КИЦ, се одржа концерт на ДУО СКУПИ (Јета Старова - Мехмети и Ермал Мехмети).
ДУО СКУПИ постои од 2006 година, од тогаш со голем успех настапува на значајни фестивали, манифестации и рецитали во Македонија и во странство. Добитник е на признание “DISTINGUISHED MUSICIANS” на меѓународниот натпревар во Рагуза, Италија. Во Р.Македонија, ДУО СКУПИ е добитник на едно од најзначајните признанија во државата: Статуетка за хумани и музички активности "Мајка Тереза".
Јета Старова Мехмети студира и дипломира на Националниот Музички Конзерваториум "Алфред Корто", во класата на светски познатиот флејтист Пиер-Ив Арто. Магистрира на државниот универзитет "Свети Кирил и Методиј" во Скопје, под менторство на албанскиот флејтист Елвис Руди. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари.
Ермал Мехмети е разноврсен музичар: виолинист, композитор и аранжер. Студира и дипломира на Академија за Уметност во Тирана, Албанија, во класата на светски познатиот виолинист и педагог проф. Ибрахим Мади. Специјализира на Националниот Музички Конзерваториум "Алфред Корто" во Париз во класата на проф. Соланж Десанж. Добитник е на награда за најдобра композиција во Италија во 1995 година. Добитник е и на награди на фестивалите "Teens Fest" и "Nota Fest". Магистрира при Институтот за Фолклор "Марко Цепенков" во Скопје.