На 26 септември 2018 година, во просториите на Националниот музеј „Земјата и луѓето“ во Софија се одржа „Европскиот ден на јазиците“, манифестација од огромно значење за јавниот живот во бугарската престолнина, а во организација на Британскиот совет. Целта на оваа манифестација е да ги промовира и зближува јазиците кои се говорат и на нив се твори во Европа и ЕУ.
На самата манифестација учествуваа најголемите културни центри и амбасади во Софија. Покрај Британскиот совет, тука беа Францускиот, Шпанскиот, Рускиот, Португалскиот, Бугарскиот јазиков институт, Полскиот, Чешкиот, Македонскиот културен центар и амбасадите на Австрија, Унгарија, Словачка и други земји.
Самата манифестација имаше вкупно дваесет и еден национален штанд со изложени материјали од матичните земји. Нашиот штанд беше опремен со бројни каталози, дивидија, банер на КИЦ, како и перформанс со читање на стихови од Ацо Шопов и Кочо Рацин, со непосредно водство на актерот и режисер Ѓорги Ѓоргиев, кој предизвика огромно внимание и задоволство кај посетителите.