На 1 март 2022 во Чешкиот центар во Софија се одржа отворањето на изложбата „Бегство од кругот“ на ликовната уметница Петра Јовановска. На отворањето присуствуваа гости од дипломатскиот кор и љубители на ликовната уметност и поезија. Изложбата, во присуство на директорот на КИЦ на РСМ во Софија д-р Сашко Насев, ја отворија директорката на Чешки центар во Софија г-ѓа Дагмар Остранска и амбасадорот на Чешката Република во Софија Н.Е. Лукаш Кауцки. На отворањето присуствуваа и претставници од амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, како и амбасадорот на Словачката Република во Софија Н.Е. Мануел Корчек.
Настанот беше посветен на солидарноста со страдањата на украинскиот народ. Украинската поетеса Ана Багрјана прочита делови од своето поетско творештво, по што на присутните им се обрати авторката на изложбата Петра Јовановска.
Изложбата е составена од 27 сликарски платна, организирани во 10 творечки единици од типот полиптих и диптих. За создавањето на своите дела користела комбинирана сликарска техника со примена на апликација на хартија и текстил. Делата се изработени во последните 5 години.
Изложбата во Чешки центар во Софија ќе остане отворена за посетителите до 31 март 2022 година.