КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложба „Слобода?!“ – заедничка изложба на македонски и бугарски ликовни уметници во Созопол

Градска галерија - Созопол
5 Jun 2022 - 18:00

На 5 јуни 2022 во Градска галерија во Созопол ќе биде отворена изложбата „Слобода?!“, составена од дела на македонски и бугарски современи ликовни уметници. Со оваа изложба КИЦ на Република Северна Македонија во Софија зема свое учество на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ кој по единаесетти пат се одржува во туристичкиот град Созопол на брегот на Црно Море.

Изложбата е дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, кој веќе традиционално го претставува ликовното творештво на активните уметници, со финансиската поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија. Целта на проектот е да го претстави ликовното творештво на уметниците и да ја информира културната јавност за новосоздадените дела.

Во проектот уште од самиот почеток се вклучени и ликовните уметници кои се од Северна Македонија, но кои живеат и работат во Бугарија, а нивната улога е водечка во поврзувањето на двете културни сцени.

Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).

Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).

Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната Ликовна Академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.

До 20 јуни во Созопол посетителите ќе можат да ги видат делата од областа на сликарството, графиката, плакатот и фотографската уметност.

Кураторот и учесник на изложбата Иво Пецов водејќи се од идејата преку изложбата на некој начин да го проследи живиот пулс на чувството за слобода во денешницата, им ја предложи на своите колеги токму темата за слободата.

„Зборот „слобода“ во последните години, особено по започнувањето на пандемијата од Ковид-19, се почесто е застапен во медиумите и во разговорите меѓу луѓето. Но додека една криза е можеби во затишие веќе се појавува друга. Од изолираноста од другите, сега глобалниот свет се најде во страв од воена, економска, политичка и друг вид кризи кои го потиснуваат чувството за слобода кај човекот.

Има мноштво дела од областа на науката и уметноста посветени на темата за слободата, но колку и да се обидуваме да ги применуваме добрите искуствата од историјата, на крајот секогаш токму нашите случаи на ограничување се уникатни и за нив немаме од каде да се поучиме за тоа како да стигнеме до слободата. Или пак сметаме дека сме доста понапред во еволуцијата на човечкиот вид и нам примерите од поблиската и подалечна историја не би ни завршиле работа во нашиот 21 век. Од таму и често користената фраза која изразува недоумевање за нашата реалност  - „Не е за верување како е ова возможно да се случува во 21 век“. Сето ова сочи дека ние како луѓе најверојатно се доживуваме понапред во еволуцијата од нашите претходници, а примерите од историјата, религијата, науката ги сметаме за неупотребливи во нашиот „напреден“ век. Во потрага по тоа постојано ново и постојан технички напредок ја забораваме нашата несовршеност и потреба од подлабоко проучување на нас самите, на нашиот внатрешен или духовен живот, покрај површинската нѝ оддаденост на формите за материјалното задоволство.

Можеби навистина војната е дел од човекот како вид, но да војуваме за идеи, филозофии и естетски разбирања е повозвишено од војната за играчки за материјална надмоќ над другите човечки суштества. И додека на нам, ликовните уметници, можеби не ни се обраќа доволно општествено внимание, ние упорно се залагаме за вистината, а таа се таи токму во нас. Уметноста е патот кој може да нè обединува и да носи мир и слобода на секој, но тој пат е за искрените патници.

Светлината и темнината одат заедно и од нашето занимање со цртеж сме научиле дека без светлината немаше да знаеме дека постои темнината, како и обратно, а балансот меѓу двете е веројатно да ни донесе убавина. Од егзистенцијалното искуство знаеме дека сме ограничени во нашите тела и чувствувањето на слободата се релативизира од начинот на нашето живеење. Откако ќе ја балансираме нашата материјална ограниченост со нашиот ум, внатрешен живот, естетска потреба, ќе ја согледаме слободата, која всушност е апстрактен нематеријален поим.

Изложбата на 15-те автори е посветена на тој нематеријален поим и акцентот е врз прашањето и визуелниот одговор преку делата, за тоа како секој автор поодделно реагира на чувствувањето на нашата современа слобода. И навистина, дали погласно се слуша зборот „слобода“ кога доживувањето на неговото значење отсуствува?

Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат различни техники и авторски искази кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење на различни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид.  Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев – Пепси и Свилен Стефанов.

Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.

Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.

Од вкупно 40 дела кои ја составуваат изложбата 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.

Изложбата е составена од авторските наслови како:  „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“.“

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31