На 5 јуни 2022 во Градската галерија во Созопол се отвори изложбата „Слобода?!“ на уметнички дела од 15 македонски и бугарски ликовни уметници: Беди Ибрахим, Јован Шумковски, Катерина Деспот, Срѓан Микиќ, Перица Георгиев - Пепси, Маријана Иванова, Зоран Мише, Иво Пецов, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов, Васил Колев и Марија Алексиева. Настанот се организира од КИЦ на РСМ во Софија и е поддржан од Министерството за култура на РСМ.
Изложбата официјално ја отвори г-н Тодор Дамјанов, заменик-градоначалник на Општина Созопол, а пред него кон присутната публика се обратија: г-ѓа Александрина Исајлова, директор на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, д-р Сашко Насев, директор на КИЦ на РСМ во Софија и д-р Иво Пецов, куратор на изложбата. На отворањето присуствуваа и дел од авторите: Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, проф. Катерина Деспот и проф. Срѓан Микиќ, кој пред присутната публика изнесе свој задлабочен експертски поглед кон изложбата и ликовната уметност.
Публиката од љубители на уметноста, ликовни уметници – учесници на Меѓународната колонија во Созопол, дипломати и новинари, изразија задоволство од настанот и квалитетот на ликовните дела.
Изложбата во Созопол ќе остане отворена за публиката до 20 јуни.