На 18 октомври 2018 година, во просториите на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија се одржа пијано рецитал на македонската пијанистка Елена Костовска. На концертот беа изведени дела од Куперин, Дебиси, Шопен, Шуман, Зографски и други.
Елена Костовска остави извонредно силен впечаток пред публиката, а според колегите музичари од Софија и пијанисти и диригенти – програмата била на високо професионално ниво, како и самата изведба.
На настанот присуствуваа Државниот секретар на МНР г-дин Виктор Димовски, како и бугарски и македонски дипломати, а самата програма ја отвори директорот на КИЦ д-р Сашко Насев кој ги запозна присутните со пијанистката Елена Костовска и со следните настани кои се одржуваат во КИЦ и во Софија воопшто.
На големо задоволство на присутните и на самата уметница се изрази надеж за понатамошна меѓусебна соработка.