На 16 Април 2019 година во КИЦ на РСМ во Софија беше промовирана книгата раскази „Секој со своето езеро“ од Ненад Јолдески, на бугарски јазик во превод на Тања Попова, а во издание на издавачот „Персеј“ од Софија.
Во присуство на угледни гости од светот на литературата и дипломати, книгата ја промовираа Пламен Тотев, директор на издавачот „Персеј“, самиот автор, младиот македонски писател Ненад Јолдески и преведувачката и писателка Тања Попова, која прочита и два раскази пред публиката.
Во извонредна атмосфера во галеријата на КИЦ, настанот го отвори директорот д-р Сашко Насев, а по настанот беше организиран и скромен коктел за авторот и присутните гости. Исто така, Јолдески потпишуваше примероци од „Секој со своето езеро“ за присутните и му беа поставувани прашања во врска со неговото литературно творештво.