На 25 октомври во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија се одржа промоцијата на романот „Последните денови на Ханс“ од македонскиот писател Михајло Свидерски. Романот излезе како издание на бугарската издавачка куќа „Персеј“ во 2022 година, во превод на Тања Попова.
Н.Е. г-ѓа Агнеза Руси-Поповска, амбасадор на Република Северна Македонија во Софија ги поздрави присутните на почетокот од вечерта, а исто така го најави скорашното доаѓање на новиот директор на КИЦ во Софија – академикот и почесен амбасадор на мирот д-р Зоран Пејковски.
За квалитетите на делото на писателот Свидерски говореше литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, кој даде исклучително позитивна оцена за романот, вбројувајќи го помеѓу трите најдобри книги од околу седумдесетте преведени од македонски јазик, издадени во превод на бугарски јазик – плодови од соработката помеѓу него и македонските писатели.
Преведувачката Тања Попова го сподели своето искуство од преведувањето на романот и прочита еден краток дел, а во продолжението на вечерта присутните, меѓу кои имаше и писатели од Бугарија, задаваа прашања на авторот Свидерски.
Вечерта заврши со давање на автограми од страна на авторот и пригоден коктел.