На 15 ноември 2018 година, во просториите на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија се изведе монодрамата „Страстите на Илија“ од плевенскиот драматург и режисер Димо Дешев. Покрај изведбата во КИЦ оваа монодрама истовремено имаше и изведба во „Нов театар“ во НДК во Софија.
Пиесата ја изведе младиот актер по потекло од Република Македонија, Игор Дамјанов, а ја постави неговиот професор Чавдар Крстев. Со комплетна аудио и визуелна подршка на КИЦ, а со помош на техничари и колеги од професионалните театри во Ќустендил и Софија. Игор Дамјанов кој веќе има забележителни настапи на бугарските телевизии и на филмот, беше оценет многу позитивно од професионалците присутни во салонот на КИЦ.
„Страстите на Илија“ е монодрама напишана пред 37 години и досега имала повеќе изведби низ бугарските театри, а ова беше прво претставување на македонски јазик и според реакцијата на публиката помина со долготрајни аплаузи, а со присуството на познати бугарски артисти, писатели, професори од НАТФИЗ, како и со солидно медиумско покритие на Бугарското национално радио и Бугарската национална телевизија, како и поздрави од градоначалничката на Софија, г-ѓа Фндкова, настанот доби и на свеченост.
Самиот Дешев кој присуствуваше на изведбата изрази голема благодарност, а како познат драматург, режисер и преведувач на драмите на Горан Стефановски, Дејан Дуковски, Југослав Петровски и други наши драматурзи, покажа интерес за поставување на македонската драматургија на сцените на бугарските театари и на современи бугарски автори во македонските театари.
По изведбата, КИЦ организираше скромен коктел во чест на уметниците, а големиот број присутни театарски професионалци изразија искрена благодарност од ангажманите и разнообразноста на репертоарот на Културно-информативниот центар на РМ во Софија, кој опфаќа изложби, концерти, книжевни промоции, театар и соработка со граѓанскиот сектор во Софија.