КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

ПРОЕКТ „ПОВРЗУВАЊЕ“

Уметничкиот проект „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија постои веќе 10 години. Проектот постигна значајни успеси преку презентацијата на разновидна културна понуда на македонски автори во Бугарија. Со него КИЦ на РСМ во Софија за прв пат понуди своја културна продукција и успеа македонската култура да ја претстави надвор од главниот град на Бугарија – Софија. Преку проектот „Поврзување“, кој во минатото беше претставуван со името „Конекција 2“, КИЦ на РСМ го рашири своето културно присуство и културна размена со речиси сите поголеми градови во Република Бугарија. Во минатото овој проект главно ја претставуваше уметноста на млади автори кои се од Република Северна Македонија, но живеат, работат или студираат во Република Бугарија, тие покасно се нарекувани неформална група „Конекција“.

Предисторијата на проектот се наоѓа во 2008 година, кога од 20 до 22 мај, во просториите на Бугарското национално радио за прв пат е организирана групна изложба од страна на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија и Националната ликовна академија, во која зедоа учество млади уметници од Република Македонија, кои тогаш беа студенти во различни отсеци на Националната ликовна академија во Софија.

Во месец јули на 2012 година, за прв пат беше претставен проектот „Конекција 2“, кој беше создаден да биде продолжение на успешната голема изложба од 2008 година. Во просториите на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија беа претставени млади уметници со веќе завршено академско образование во Националната ликовна академија во Софија. На оваа изложба зедоа учество 6 автори од различни градови на Северна Македонија, кои тукушто имаа завршено магистерски студии.

По паузата во 2013 година, заради интересот кој беше создаден кај ликовните автори, за нивна заемна комуникација, како и комуникација со нивните колеги од Северна Македонија и Бугарија, заради интересот и на публиката, во 2014 година КИЦ на РСМ организира две изложби „Конекција 2“. На овие изложби се претставија 7 автори – во месец мај во галерија „Таралеж“, Велико Трново и во ноември во Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград. На овие изложби, како и на изложбите во наредните неколку години се следеше тенденцијата делата во секоја нова галерија да бидат заменувани со нови.

Во 2015 година, во февруари, 8 автори поставија изложба во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија, а следниот месец беше поставена изложба на 9 автори во Галеријата на русенските уметници во Русе. Истата година следеа изложби во Харманли, во нивниот Културен центар и за прв пат во Пловдив, во познатата „Балабанова куќа“ и во Созопол, во Градската галерија.

Од почетокот на 2016 година, проектот „Конекција 2“ доби акцентиран мултимедијален карактер и освен поставувањето на изложбите на ликовните уметници, беше претставувана македонска поезија и музика од музичарите, актерите и режисери, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Бугарија. Во 2016 година овој проект беше претставен во февруари, во КИЦ на РСМ во Софија. Во месец јуни, како дел од Франкофонскиот фестивал „Солеј“ во Созопол беше поставена изложба во Археолошкиот музеј, на која зедоа учество 14 автори. Во првата половина на јули за прв пат беше претставен во библиотеката „Захариј Књажевски“ во Стара Загора, каде што беше читана поезија од познати македонски автори и беа подарени книги. Во втората половина на јули „Конекција 2“ повторно гостуваше во „Балабановата куќа“ во Пловдив, а на крајот од таа календарска година, во декември, изложбата од проектот, во соработка со Националната галерија на Македонија, беше поставена во Мултимедијалниот центар „Мала Станица“ во Скопје.

Од 2017 година проектот „Конекција 2“ беше претставуван и со името „Поврзување“ и во него се бараше уште подобра поврзаност меѓу уметниците и различните видови уметности, беа остварени повеќе контакти меѓу авторите и се акцентираше на творештво и дружење. Така проектот продолжи да го претставува современото творештво на главно младиот состав на авторите.

Во текот на 2017 година, во февруари, публиката имаше можност да ги види новите дела на ликовните уметници и да чуе современа македонска поезија и музика во КИЦ на РМ во Софија. Потоа следеа настапите во Пловдив, во мај и во Созопол, во јуни. Во јули за прв пат КИЦ на РСМ оствари свој настан во Бургас. Во Регионалната библиотека „П.К. Јаворов“ - Бургас, освен изложбата беа претставени стихови на современи македонски автори и беа подарени книги од македонски автори.

Проектот во 2018 година беше збогатен со проекции на македонски филмови. Во мај, во просторот на Малата ранохристијанска базилика во Пловдив, беше поставена групната изложба на дела од областа на сликарството, графиката, скулптурата и плакатот, а исто така беше презентиран и кусометражниот филм „Последните камбани“ на Николче Поповски. Во јуни, во Созопол, освен поставената групна изложба, исто така беа претставени филмовите „Златна Петорка“ на Горан Тренчовски и „Пикасо“ на Аљоша Симјановски.

Од 2019 година проектот се фокусира исклучиво кон визуелната уметност и има за цел да го одржи континуитетот во создавање на услови за комуникација меѓу ликовните уметници од Северна Македонија со нивните бугарски колеги и да ја информира културната јавност за македонската ликовната сцена во Бугарија. Неформалната група од ликовни уметници, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Бугарија изразија желба за збогатување на списоците на авторски имиња од Северна Македонија и Бугарија.

Така во 2019 година се продуцира и првата курирана изложба „Интеграција на идентитети“ од македонскиот куратор Горанчо Георгиевски и бугарскиот куратор Свилен Стефанов. На изложбата, прво претставена во „Балабановата куќа“ во Пловдив (од 7-ми до 26-ти мај), потоа во „Арт центар Банкја“ во Банкја (од 28-ми мај до 7-ми јули) и во „Мала станица“ во Скопје (од 26-ти јули до 2-ри септември), можеше да се видат дела од 21 автори. Проектот наиде на широк интерес, како од страна на публиката во Бугарија, така и во Северна Македонија. Истата година во мај, во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, како дел од проектот „Поврзување“ беше поставена самостојната изложба „IMposter“ на Маријана Иванова.

Ковид условите кои не затекнаа во 2020-тата година не принудија кон промена на планот и првичниот концепт за делување. Така проектот продуцира три самостојни изложби во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија. Тоа се изложбите „Изгубени простори“ на Марјан Ѕингаров во септември, сликарската изложба на Свилен Стефанов во периодот септември – октомври и изложбата „Метафизички слики“ на Иво Пецов, во периодот октомври – декември. Дела од овие три самостојни изложби можеше да се видат во Куманово и Струмица во 2021-та година.

Од 2021 година, по самостојната фотографска изложба „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ на Игор Христов, следат групни изложби курирани од д-р Иво Пецов. Истата година во Созопол, во почетокот на јуни, како дел од Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, беше претставена групната изложба „Предизвици и насоки“ на 12 автори, посветена на Ковид-периодот. Покасно, во истиот месец јуни, „Предизвици и насоки“ можеше да ја види публиката во Културниот центар „Морско казино“ во Бургас.

Патувачката групна изложба „Слобода?!“, составена од дела на 15 автори, во 2022 година ја посети Градската уметничка галерија – Созопол во јуни, во периодот јуни – јули беше поставена во Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“ во Ловеч, а во Уметничката галерија „Илија Бешков“ во Плевен можеше да се види во периодот јули – август 2022 година.

Во 2023 година изложбата „Средба од десетти вид“, со која се одбележува десет годишнината на проектот „Поврзување“, содржи дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. Во галерија „Академија“ на Националната ликовна академија во Софија, од 11-ти до 30-ти јули, беа претставени дела од 17 автори, а во Уметничката галерија, во Домот на културата во град Сандански, од 8-ми до 19-ти ноември, беа претставени 16 автори.

Авторите кои во изминатите години беа дел од проектот „Поврзување“ се: Адриана Јованоска, Ана Лазаревска, Атанас Ботев, Александар Станковски, Беди Ибрахим, Горан Тричковски, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Димитар Христов, Зоран Георгиев, Зоран Мише, Иван Стоименов, Иво Пецов, Игор Христов, Исмет Рамиќевиќ, Ице Огненовски – Мерко, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Јован Шумковски, Јовица Миленов, Јорданчо Ристовски, Катерина Деспот, Колектив Зеро, Маријана Иванова, Марјан Ѕингаров, Ненад Микиќ, Павел Целкоски, Перица Георгиев – Пепси, Роберт Јанкулоски, Слободан Милошески, Соња Димитрова, Срѓан Микиќ, Хари Дудески, Шќипе Мехмети / Васил Колев, Генади Гатев, Георги Јанков, Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Марија Алексиева, Момчил Мирчев, Нина Русева, Ninavale (Нина Ковачева и Валентин Стефанов), Роман Кисјов, Росен Тошев, Свилен Стефанов / Валтер Праташ, Рикардо Кварежма Виејра, Золтан Ференц.

Share

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
 
 
 
 
 
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30